Аргентина ќе мора да продолжи без својот најголем лидер, но на списокот за ноемвриските пријателски натпревари недостасуваат и неколку долгогодишни репрезентативци.
Селекторот на Аргентина, Лионел Скалони, го објави списокот на фудбалери за ноемвриските пријателски натпревари против Уругвај и Костарика. Ова е првиот повик на аргентинскиот стратег по репрезентативното збогување на Лионел Меси, со што официјално започнува ново поглавје во историјата на „гаучосите“.
Сепак, Меси не е единственото големо име кое отсуствува од списокот. Меѓу повиканите повторно ги нема Родриго Де Пол и Џовани Ло Селсо, кои со години беа важен дел од националниот тим. Нивното изоставување отвора прашања за промената на генерациите во аргентинската репрезентација.
Поради повреди, Скалони нема да може да смета ниту на Лаутаро Мартинез, Кристијан Ромеро и Николас Гонзалез. Дополнително, Леандро Паредес и Науел Молина ќе ги пропуштат натпреварите поради суспензии заработени по инцидентите на финалето на Светското првенство во 2026 година против Шпанија.
На списокот се најдоа 28 фудбалери, а меѓу најинтересните новини е првиот повик за младиот дефанзивец Арон Анселмино од Челзи. Во составот се враќаат и Гонсало Монтиел и Маријано Троило.
Скалони и понатаму ќе располага со неколку од најважните адути, меѓу кои се Хулијан Алварез, Енцо Фернандез, Алексис Мекалистер и Лисандро Мартинез. Повикан е и голманот Емилијано Мартинез, иако сè уште се опоравува од скршеница на вилицата, па неговата подготвеност дополнително ќе биде проценета.
Аргентина првиот натпревар ќе го одигра на 13 ноември против Уругвај на „Ла Бомбонера“, додека четири дена подоцна во Кордоба ќе се соочи со Костарика.
These are our call-ups for the upcoming friendlies 💪🇦🇷 https://t.co/O4JmqlpLhY
— Selección Argentina in English (@AFASeleccionEN) November 3, 2026