Фудбал

Поранешен фудбалер на Ливерпул и Глазгов Ренџерс бара клуб преку „LinkedIn“

Поранешен фудбалер на Ливерпул и Глазгов Ренџерс бара клуб преку „LinkedIn“

Ова е прилично необичен начин за потрага по нов ангажман во професионалниот фудбал.

Поранешниот младински англиски репрезентативец Ови Еџарија (28) остана без клуб откако му истече договорот со Реал Овиедо, па реши на несекојдневен начин да бара нов ангажман – преку LinkedIn.

Еџарија, кој во кариерата има настапувано за Ливерпул и Ренџерс, јавно објави дека е слободен играч и дека е подготвен да разгледа понуди од клубови на кои им е потребен играч за врска.

„Слободен сум и ја барам вистинската можност. Ако постои опција или знаете клуб на кој му треба играч за врска – „шестка“, „осумка“ или „десетка“ – или некој кој може да игра на левото крило, слободно испратете ми порака“, напиша Еџарија.

Еџарија е роден во Англија, но има и нигериско државјанство и право на настап за нигериската репрезентација. За Ливерпул има два официјални настапи.

Во сезоната 2018/19 беше испратен на позајмица во Ренџерс, каде што тогаш тренер беше Стивен Џерард. Сепак, неговата епизода во Шкотска траеше кратко, па во декември 2018 година се врати во Ливерпул.

Потоа настапуваше за Рединг, со кој подоцна потпиша и перманентен договор, а последниот клуб во неговата кариера досега е Реал Овиедо. Минатата сезона, сепак, забележа само осум настапи.

Сега 28-годишниот фудбалер на необичен начин се обидува да најде нов клуб и да ја оживее својата кариера.