Тренерот на Шкендија задоволен од пристапот, но очекувал поубедлив триумф и на реваншот против Европа.
Шкендија со 1-0 на реваншот, или со вкупно 6-0 ја елиминираше екипата на Европа од Гибралтар, и продолжува во 2. квалификациско коло во Лигата на Конференции.
Тренерот на тетовскиот тим Артим Положани после натпреварот искажа задоволство од пристапот на своите играчи, иако очекувал повисока победа од оваа минимална која ја оствари неговиот тим.
„Се очекуваше друг резултат и повисок од овој што победивме, но задоволен сум од пристапот. Недостасуваше завршен пас во нападот и тоа ќе мора да го корегираме затоа што ќе ни треба за во иднина. Сега доаѓаат потешки противници. Тоа ќе треба да се работи во недела, затоа што со посериозни екипи мораме да играме подобро“, изјави Положани.
Сега за тетовскиот тим следува двомеч со словенечкиот тим Браво во 2. квалификациско коло во Лигата на Конференции.
„Нормално, ние не губевме многу време, веќе размислувавме за Браво после првиот меч со Европа кога победивме со 5-0. Физички е многу добар тим и во трансформација, и нас ќе ни биде тешко. Секое коло сег доаѓаат се потешки и посериозни ривали, и нормално дека треба да одиме на една брзина повеќе, затоа што како одиме се подалеку во Европа противниците се потешки и посилни. Се работи за екипа која заврши на третото место во шампионатот на Словенија, и тоа првенство е квалитетно, затоа што неколку екипи од таа земја играа и во Европа и треба да бидеме повнимателни и да бидеме подобри“, рече Положани.