Шпанската полиција започна истрага за смртта на фудбалерот на Тенерифе, Хесус де Мигел, по кобниот судир со голманот на Андора, Хесус Овоно.
Трагичниот настан што го потресе шпанскиот и европскиот фудбал добива нова димензија. Единицата за убиства при полициската станица во провинцијата Санта Круз де Тенерифе започна истрага за околностите под кои почина напаѓачот на Тенерифе, Хесус де Мигел.
Триесетгодишниот фудбалер го загуби животот откако доживеа тешки повреди при судирот со голманот на Андора, Хесус Овоно, на натпреварот од втората шпанска лига. Инцидентот се случи во самиот финиш на средбата, кога голманот истрча надвор од својот шеснаесетник за да интервенира по една долга топка, при што силно го удри противничкиот напаѓач.
Овоно за овој старт доби директен црвен картон, а натпреварот беше прекинат. Де Мигел веднаш доби медицинска помош на теренот, а потоа беше пренесен во болница. И покрај напорите на лекарите да го спасат, неговата состојба се влошила во текот на ноќта, а во вторникот наутро беше потврдена неговата смрт.
Според информациите што ги пренесуваат шпанските медиуми, полицијата сега ќе ги испита сите околности на несреќниот настан. Особено внимание ќе биде посветено на деталите од судирот, но и на утврдувањето на точната причина за смртта на фудбалерот.
Клучно ќе биде да се утврди дали ударот што Овоно го зададе во пределот на градите има директна поврзаност со срцевиот застој што го доживеа Де Мигел.
Доколку истрагата утврди дека голманот постапил со сериозна небрежност и дека неговата интервенција директно ја предизвикала смртта, може да се соочи и со кривична одговорност. Според шпанските закони, за убиство од небрежност е предвидена затворска казна од една до четири години.
Сепак, засега нема конечни заклучоци за евентуалната вина на Овоно. Ќе мора да се докаже дека неговата интервенција ги надминала прифатливите ризици што ги носи фудбалската игра и дека постои директна причинско-последична врска меѓу судирот и смртта на противничкиот фудбалер.