Здружението на професионални тенисери (АТП) денеска предложи измени на правилата за кои тврди дека ќе го намалат притисокот врз играчите да учествуваат на премногу турнири и ќе им помогнат полесно да ги издржат напорите во текот на сезоната, откако поради повреди подолг период отсуствуваа Италијанецот Јаник Синер и Шпанецот Карлос Алкараз.
Алкараз поради повреда на десниот зглоб на раката паузираше четири и пол месеци, од април до август, и пропушти два гренд слем-турнири.
Првиот тенисер на светската ранг-листа, Синер, не играше по освојувањето на Вимблдон во јули, а минатата недела соопшти дека поради воспаление на десното колено нема да настапува до крајот на годината.
Претседателот на АТП, Андреа Гауденци, денеска го претстави планот според кој би се извршила прераспределба на бодовите за светската ранг-листа, така што тенисерите би добивале повеќе бодови за пласман во завршните фази на најголемите турнири.
Според предложените измени, би се укинала можноста тенисерите секоја година трите најслаби резултати од турнирите од серијата Мастерс 1000 да ги заменат со подобри резултати остварени подоцна во сезоната на турнирите од сериите 500 или 250.
„Таквото правило може да создаде притисок за играње дополнителни турнири по рана елиминација, со цел да се надоместат загубените бодови. Со предложените измени тоа би се укинало, па резултатите на најголемите турнири би се вреднувале во целост, а играчите би можеле да го планираат распоредот на настапи во согласност со нив, наместо да бркаат бодови и да ризикуваат да играат премногу“, наведе Гауденци во отвореното писмо објавено на веб-страницата на АТП.