Фудбал

Победнички старт на Божовиќ, Вардар подобар од Арсими

Победнички старт на Божовиќ, Вардар подобар од Арсими

Вардар ја започна ерата на Миодраг Божовиќ со победа. Македонскиот шампион славеше со 2:0 против Арсими на ТЦ „Петар Милошевски“, во натпревар во кој „црвено-црните“ ја оправдаа фаворитската улога.

Божовиќ имаше успешно деби на клупата на Вардар, а неговиот тим заслужено стигна до трите бода. Скопскиот состав беше подобар противник во текот на поголемиот дел од натпреварот, иако победата ја потврди дури во судиското продолжение.

Вардар поведе во 25. минута. Спахиу одлично се ослободи и од левата страна испрати прецизно додавање кон Закариќ, кој без многу размислување шутираше од прва и ја затресе мрежата на Силјановски.

Во второто полувреме долго немаше посериозни возбудувања. Вардар го контролираше натпреварот, но тешко создаваше чисти прилики.

Следуваше и прекин од 10 минути поради тоа што Комитите при напуштање на теренот направија инциденти, па Стојчевски ги собра фудбалерите на клупите. По смирување на тензиите, мечот продолжи.

Арсими во 89. минута можеше да израмни преку Илјази, кој се најде во добра позиција, но неговиот удар заврши покрај голот.

Вардар во продолжението пропушти можност преку Закариќ да го реши натпреварот, но сепак вториот гол стигна во 102. минута.

Омерагиќ одлично го проигра Спахиу, кој ја искористи шансата и со својот погодок стави точка на натпреварот за конечни 2:0.

Така, Божовиќ имаше идеален почеток на авантурата во Вардар, додека шампионот со три бода ја потврди својата позиција на фаворит во пресметката со Арсими.