Фудбал

Пет децении од легендарниот пенал „Паненка“: Гордост и жалење за пропуштени проценти

Пет децении од легендарниот пенал „Паненка“: Гордост и жалење за пропуштени проценти

Пред точно 50 години, Антонин Паненка го изведе најпознатиот пенал во историјата на фудбалот, донесувајќи ѝ титула на Чехословачка. Денес, тој со гордост, но и со доза на жалење што не наплатил авторски права, гледа како неговиот трик го користат најголемите ѕвезди.

Токму на денешен ден пред 50 години на стадионот „Рајко Митиќ“ (поранешна Маракана) во Белград се случи еден од најпознатите моменти во историјата на фудбалот. Чехословачкиот репрезентативец Антонин Паненка во пенал-серијата од финалето на Европското првенство во 1976 година го надмудри германскиот голман Сеп Мајер со неверојатно дрзок удар – лесно потпрен топка во средината на голот, додека чуварот на мрежата скокна на страна.

Тој потег ѝ ја донесе континенталната титула на тогашна Чехословачка против Западна Германија и го создаде терминот „Паненка“ за ваков начин на изведување на единeастерци. Иако половина век подоцна светот го слави тој момент, самиот Паненка има помешани чувства – гордост, но и одредена љубомора. „Секако дека сум горд на тој пенал, но од друга страна чувствувам и одредена љубомора. Во текот на целата моја кариера се трудев да играм фудбал привлечен за публиката, и според мене мојата кариера премногу е сведена на тој еден изведен пенал“, изјавил тој во една прилика.

Една од последиците од тој историски пенал беше трајно нарушениот однос со германскиот голман. Паненка открива дека Мајер не проговорил со него цели 35 години. Дури, како што прочитал, чуварот на мрежата во својата гаража имал мета со ликот на Паненка на која фрлал пикадо. Денес, сепак, нивната врска е сосема добра, вели Паненка.

Денес најголемите светски фудбалски ѕвезди го користат неговиот трик, што Паненка го гледа со гордост. Сепак, тој не го крие жалењето што од тоа нема финансиска корист. „Права среќа e да се видат тие играчи како го користат мојот пенал. Единствена мана е тоа што од тоа не добивам никаков хонорар ниту проценти“, изјавил тој за угледниот британски весник „Гардијан“. Во минатото, додава тој, често размислувал секој што ќе го изведе тој пенал да мора да му плати, уште во времето на комунизмот во Чехословачка.

Паненка, кој денес е претседател на клубот Бохемијанс, останува синоним за еден од најсмелите потези во историјата на спортот. Неговата изведба не само што го промени начинот на размислување за пеналите, туку и го впиша неговото име во фудбалската вечност – без авторски права, но со неизмерно признание.