Ракомет

Пелистер разочара на европската премиера: Ла Риоха однесе убедлива победа од Битола

Пелистер разочара на европската премиера: Ла Риоха однесе убедлива победа од Битола

Еурофарм Пелистер со пораз ја започна новата сезона во ЕХФ Европската лига. Битолчани одиграа натпревар за заборав и на домашен терен загубија од Ла Риоха со 24:31.

Гостите уште од самиот почеток го презедоа натпреварот во свои раце, додека Пелистер имаше огромни проблеми во организацијата на нападот. Домашниот тим првиот гол го постигна дури во шестата минута, а во средината на првото полувреме шпанскиот состав веќе имаше предност од 10:3.

Пелистер продолжи да греши во нападот, а Ла Риоха немилосрдно ги казнуваше пропустите со лесни голови од контранапади. Особено расположен беше голманот Ледо, кој во првите 30 минути забележа дури 11 одбрани.

Во 24. минута гостите стигнаа до највисоки девет гола предност (14:5), а на паузата се замина со 16:8 за Ла Риоха.

Ниту по одморот ситуацијата не се промени значително. Битолчани и понатаму тешко доаѓаа до реализација, додека шпанскиот тим без поголеми проблеми ја одржуваше разликата. Во 45. минута Ла Риоха за првпат поведе со двоцифрени 27:17.

До крајот Пелистер успеа само да го ублажи поразот, па конечниот резултат гласеше 24:31.

Самоил Ристевски со четири гола беше најефикасен кај Пелистер, додека Алваро Мартинез постигна шест за победничкиот тим.

Сепак, првото име на натпреварот беше голманот Ледо. Шпанецот натпреварот го заврши со 21 одбрана, а успеа да постигне и три гола.

Пелистер ќе има можност за поправен во следното коло, кога на 6 октомври ќе гостува кај Гдањск, кој во првото коло приреди изненадување и славеше над Гумерсбах со 38:34.