Легендарниот македонски фудбалер Дарко Панчев се присети на историскиот триумф на Црвена Звезда во Бари 1991 година, нагласувајќи ја разликата во фудбалот тогаш и сега, особено во однос на финансиските вложувања.
Пред точно 35 години, Црвена Звезда го постигна најголемиот успех во својата историја, станувајќи европски шампион. Во Бари, „црвено-белите“ го совладаа Олимпик Марсеј по подобро изведување пенали, а сеќавањата на таа историска ноќ ги сподели легендарниот напаѓач и стрелец на одлучувачкиот гол од белата точка, Дарко Панчев.
Панчев се присети на огромниот притисок пред историскиот дуел. „Враќајќи се толку години наназад, да, притисокот беше голем. Отидовме таму една недела порано. Кога си затворен во комплекс цела недела и постојано се зборува само за тој натпревар, нормално е да се оптовариш уште повеќе. Ја сфативме важноста на сето тоа и можно е токму затоа да имавме малку тешки нозе. Но, на крајот сè заврши добро“, потсети Панчев.
Тој се осврна и на изведувањето на одлучувачкиот пенал. „Секогаш велам дека сите пенали имаа своја тежина. На секој играч му е психолошки тешко и напорно бидејќи знае дека не смее да погреши. Мојот пенал беше специфичен бидејќи беше последен и тој го одлучуваше победникот. Можеби поради тоа тој психолошки товар беше на некој начин уште поголем за мене. Кога ја зедов топката, заборавив на целиот тој товар, се концентрирав и на крајот сè испадна добро. Гледајќи ги од денешна перспектива тие пенали, нивниот голман на секој пенал тргнуваше предвреме, само кај мојот пенал стоеше чекајќи ме. Затоа во последен момент одлучив на која страна ќе шутирам и сè добро испадна“.
Панчев особено нагласи колку денешниот фудбал е финансиски и структурно различен, истакнувајќи дека денес е речиси невозможно да се освојуваат трофеи без огромни вложувања и најскапи играчи. „Постигнавме успех и го остваривме сонот што сигурно го сонуваа и генерации пред нас. Јас како дете бев заљубен во онаа фантастична генерација на Звезда која играше финале на Купот на УЕФА и незаслужено го загуби финалето во двата натпревари со Борусија Менхенгладбах. Пред нас исто така имаше генерации кои стигнуваа до четвртфинале и полуфинале на Купот на европските шампиони, но некако нам ни се поклопи да го оствариме тој сон и навистина е феноменално чувство, особено што беше остварен со домашни играчи.“
„Гледајќи го денешниот фудбал, ако големите тимови не ги купуваат најдобрите играчи на светот, тогаш веројатно тешко би постигнувале такви резултати. Но добро, денес парите се многу влијателни во фудбалот, во наше време не беше така, но секако дека успехот е уште поголем поради тоа и ми е драго што бев дел од таа генерација. Би сакал само за крај да кажам, ти благодарам Звезда што ни овозможи нам играчите, навивачите и на сите оние кои се во Звезда или околу неа, да се радуваме и да сонуваме и ден денес тој сон кој е остварен на денешен ден да го прославиме“, заклучи Панчев.