Англискиот репрезентативец не е задоволен од својот статус во Мадрид, каде што ја загуби позицијата во тимот, па можно е уште следното лето да се врати во Премиер-лигата.
Трент Александер-Арнолд би можел да ја заврши авантурата во Реал Мадрид и да се врати во англискиот фудбал, а како една од најсериозните заинтересирани екипи се споменува Челси.
Англискиот десен бек, кој во 2025 година го напушти Ливерпул и се пресели на „Сантијаго Бернабеу“, наводно не е задоволен од својата ситуација во шпанскиот гигант. Конкуренцијата за местото во стартниот состав е сè поголема, а Александер-Арнолд во последниот период падна во хиерархијата и повеќе не е меѓу приоритетите на стручниот штаб.
Според информациите на „Фудбал Инсајдер“, Челси ја следи ситуацијата и е подготвен да ја разгледа можноста за негов ангажман доколку фудбалерот стане достапен на трансфер-пазарот.
Поранешниот главен скаут на Манчестер Јунајтед, Мик Браун, потврди дека лондонскиот клуб покажува интерес за англискиот репрезентативец.
„Едно име што го слушнав во врска со можен трансфер во Челси е Трент Александер-Арнолд. Искрено, тоа малку ме изненади, но тој значително падна во хиерархијата во Реал Мадрид и сега е втора, можеби дури и трета опција“, изјави Браун.
Сè уште не е познато дали евентуалниот трансфер би можел да се реализира уште во јануарскиот преоден рок или дури следното лето.
Се споменуваше дека Трент би можел дури и да се врати во Ливерпул, меѓутоа нејасно е како навивачите ќе го прифатат трансферот, со оглед дека не помина најдобро разделбата и преминот од Енфилд на Сантијаго Бернабеу.