Фудбал

Омерагиќ: Порано се плаќаше за место во младинските репрезентации, не може за една година да поправиме сè

Омерагиќ: Порано се плаќаше за место во младинските репрезентации, не може за една година да поправиме сè

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ во интервју за „Спорт Фокус“ на „Телма“ откри дека последиците од долгогодишното неработење сè уште се чувствуваат, особено во младинските категории.

Омерагиќ изнесе тврдења дека во минатото имало селектори без соодветни лиценци, а место во младинските репрезентации можело да се добие и со плаќање.

„Ние сега ја плаќаме сметката на минатото неработење, на селектори коишто немаа никаква лиценца во младите селекции, каде што место во младите репрезентации се купуваше со плаќање. Каде што селектор до 21 беше книговодителот на претседателот“, кажа Омерагиќ.

Првиот човек на ФФМ нагласи дека последиците од таквиот пристап не можат да се отстранат за краток период.

„Не работеле во минатото, не можеме ние сега да го исправиме тоа за една година, година ипол. Ниту Христов, ниту Пандев, ниту Новески, ниту Најдоски не можат сето тоа да го средат што е оставено. Ние бенефит од европското немаме никаков. Што се направи за да се произведат нови играчи, нови терени, да се работи на производство на нови играчи? Кога последен пат фудбалер е гурнат „во оган“ како Гаштаров? Кај нас се дебитираше во репрезентација, 26-ти играч си во Чешка или Словачка, а не се земаа фудбалери од домашното првенство кои играа по 90 минути“, посочи првиот човек на ФФМ во интервју за „Спорт Фокус“ на „Телма“.