Фудбал

Огромна трагедија: Почина фудбалерот на Тенерифе кој вчера изгуби свест по жесток судир

Огромна трагедија: Почина фудбалерот на Тенерифе кој вчера изгуби свест по жесток судир

Тенерифе ја потврди трагичната вест. 30-годишниот напаѓач почина утрово, еден ден по тешкиот инцидент на натпреварот против Андора.

Шпанскиот фудбал е завиен во црно. Фудбалерот на Тенерифе, Хесус де Мигел, почина на 30-годишна возраст, откако не успеа да се опорави од тешките последици на инцидентот што се случи за време на натпреварот против Андора.

Тажната вест ја потврди неговиот клуб преку официјално соопштение, во кое објави дека Де Мигел починал во вторник, 3 ноември, во 8 часот наутро.

„Скршени од болка, со кнедла во грлото и без можност да поверуваме дека ова е вистина, од КД Тенерифе ја соопштуваме трагичната смрт на Хесус де Мигел Аламеда“, објави клубот.

Од Тенерифе упатија сочувство до семејството, најблиските и навивачите, додека семејството на фудбалерот им се заблагодари на сите за поддршката и побара почитување на приватноста во овие тешки моменти.

Трагедијата се случи во понеделникот, на натпреварот од шпанската втора лига меѓу Тенерифе и Андора. Во завршницата од средбата, Де Мигел се најде во дуел со голманот на гостите, Хесус Овоно, кој истрча од својот гол и го удри со колено.

Напаѓачот остана неподвижен на теренот, по што медицинските екипи веднаш интервенираа. Според објавените информации, тој доживеал кардиореспираторен застој, но медицинските лица успеале да го реанимираат и да го пренесат во болница.

Тенерифе првично соопшти дека фудбалерот е сместен на интензивна нега и дека е во стабилна состојба, и покрај сериозноста на повредите. Во текот на ноќта клубот информираше дека неговата невролошка состојба се влошила, а само неколку часа подоцна пристигна најтажната вест.