Фудбал

Овоно е затворен дома и не сака да зборува со никого, му се заканува и суспензија од 12 натпревари

Овоно е затворен дома и не сака да зборува со никого, му се заканува и суспензија од 12 натпревари

Голманот на тимот на Андора, Хесус Овоно, се соочува со исклучително тешка ситуација по трагичниот инцидент на натпреварот против Тенерифе, во кој по неговиот старт животот го загуби напаѓачот Хесус де Мигел. Шпанскиот чувар на мрежата се повлекол во својот дом, а во меѓувреме добива расистички навреди и смртни закани.

Покрај огромниот притисок со кој се соочува, Овоно може да добие и сериозна дисциплинска казна. Судијата Мануел Анхел Перез Ернандез во официјалниот извештај навел дека голманот заработил црвен картон поради опасен старт, при кој со крената нога силно го удрил противничкиот фудбалер користејќи прекумерна сила додека топката била во игра.

Како што пренесува „Атлетик“, правилата на Шпанската фудбалска федерација предвидуваат суспензија до 12 натпревари. Доколку ја добие максималната казна, Овоно нема да може да настапува за Андора најмалку до февруари.

„Овоно е целосно скршен, затворен е во својот дом и изолиран од светот. Во моментов не знае ниту кој е“, изјавил за „Атлетик“ извор близок до еден од фудбалерите на Андора.

Соговорниците на медиумот сакале да останат анонимни поради заканите упатени кон голманот.

Хесус Лазаро Овоно Нгуа е роден на 1 март 2001 година во Бата, пристанишен град во Екваторијална Гвинеја. На осумгодишна возраст се преселил во Сан Себастијан, каде што веќе живеела неговата мајка.

Фудбалските почетоци ги имал во младинскиот клуб Антигуоко, низ кој поминале и Мартин Зубименди и Андер Баренечеа. Интересно е што Овоно првично играл како напаѓач, а на голманската позиција застанал сосема случајно. Откако ненамерно го повредил голманот на својот тим на еден натпревар, одлучил да застане на голот бидејќи се чувствувал виновен за повредата.