Мануел Нојер испиша нова страница во историјата на Лигата на шампионите. Германскиот голман на натпреварот против Атлетико Мадрид го забележа својот 164. настап во елитното европско натпреварување, со што ги надмина Лионел Меси и Томас Милер, кои имаат по 163 одиграни натпревари.
Пред 40-годишниот чувар на мрежата на Баерн Минхен сега се само Кристијано Роналдо со 183 и Икер Касиљас со 177 настапи.
Со овој подвиг, Нојер стана и германскиот фудбалер со најмногу настапи во Лигата на шампионите. Првите натпревари во ова натпреварување ги одигра во дресот на Шалке, со кој во 2011 година стигна до полуфиналето, по што се пресели во Баерн Минхен.
Со баварскиот гигант двапати ја освои Лигата на шампионите, во 2013 и 2020 година. Зад него на вечната листа останаа и некои од најголемите имиња во европскиот фудбал, меѓу кои Карим Бензема, Тони Крос и Чави.
На Нојер сега му недостигаат уште 13 натпревари за да го стигне Касиљас на второто место на вечната листа на фудбалери со најмногу настапи во Лигата на шампионите.