Актуелниот светски првак остана верен на Мекларен со кого потпиша договор и во следните четири години.
Ландо Норис и Мекларен продолжуваат заедно. Актуелниот светски шампион во Формула 1 потпиша нов повеќегодишен договор со британскиот тим, според кој ќе остане во екипата најмалку до крајот на 2030 година. Во договорот постои и опција со која неговиот престој може да биде продолжен и по тој период.
Норис е дел од Мекларен уште од 2017 година, кога се приклучи на младинската програма, а во 2019 година дебитираше во Формула 1. Со текот на годините стана еден од клучните фактори во подемот на тимот.
Британецот минатата сезона ја освои својата прва титула во Формула 1, додека Мекларен ја освои и конструкторската титула. Норис досега има 13 победи и 18 пол-позиции во најбрзиот автомото шампионат.
„Мекларен е мојот дом и многу сум среќен што потпишав нов договор со кој ќе останам во тимот најмалку до 2030 година. Кога го започнав овој пат пред девет години, целта беше да го вратиме Мекларен на врвот и да освојуваме шампионати. Тоа го постигнавме, но сакаме уште повеќе“, порача Норис.
Од Мекларен истакнаа дека продолжувањето на соработката со Норис претставува важен дел од долгорочниот проект на тимот. Заедно со Оскар Пјастри, кој има договор до најмалку 2028 година, британскиот тим има обезбедено стабилност во возачката постава и во следните сезони.
Норис неодамна триумфираше и на трките во Унгарија и Холандија, а со новиот договор Мекларен јасно стави до знаење дека сака својата иднина во Формула 1 да ја гради околу актуелниот светски шампион.