„Кралевите“ наводно направиле сериозен чекор за ангажман на францускиот репрезентативец, а сега го чекаат следниот потег на „Баварците“.
Реал Мадрид направил сериозен чекор во обидот да го доведе Мајкл Олисе од Баерн Минхен, а според информациите што ги објавуваат англиските медиуми, двете страни веќе постигнале договор за личните услови на фудбалерот.
Интересот на мадридскиот клуб за францускиот репрезентативец не е новост. Реал и минатото лето се поврзуваше со негов трансфер, но тогаш не дојде до реализација.
Сепак, ситуацијата сега добива нова димензија. Наводно, Реал ги договорил личните услови со Олисе, а сега го очекува следниот чекор и реакцијата на Баерн Минхен.
Олисе е еден од најважните фудбалери во тимот на германскиот гигант, кој воопшто нема намера да се раздели со својата офанзивна ѕвезда. Неговиот актуелен договор важи до летото 2029 година, но раководството на Баерн веќе работи на продолжување на соработката.
Претседателот на клубот, Херберт Хајнер, неодамна испрати јасна порака дека Баерн нема потреба да ги продава своите најдобри фудбалери.
„Баерн е клуб кој не мора да продава играчи. Одлуките ги носиме од позиција на сила. Мајкл има договор до 2029 година и се надевам дека еден ден ќе го продолжи“, изјави Хајнер.
Сличен став има и почесниот претседател Ули Хенес, кој претходно ги отфрли шпекулациите за заминување на Французинот и најави разговори за продолжување на договорот во текот на сезоната.



