„Волчицата“ постигна четири гола уште во првото полувреме, а на крајот славеше со убедливи 5:2 на гостувањето на „Фриули“.
Рома одигра фантастичен натпревар и со убедливи 5:2 го декласира Удинезе на гостински терен во 10. коло од италијанската Серија А. Тимот на Џан Пјеро Гасперини практично го реши прашањето на победникот уште во првото полувреме, во кое постигна дури четири погодоци.
Гостите поведоа во 10. минута преку Брајан Кристанте, кој со удар со глава ја искористи одличната асистенција на Весли. Римјаните продолжија со жестокиот притисок, а во 31. минута Родриго Мора зголеми на 2:0 по одличната акција во која повторно учествуваше Кристанте.
Само две минути подоцна, Дониел Мален ја искористи одличната топка од Матијас Суле и погоди за 3:0, а во 37. минута Еван Ндика со удар со глава ја запечати фантастичната прва половина на Рома за убедливи 4:0.
Удинезе се разбуди во второто полувреме и преку поранешниот фудбалер на Рома, Николо Заниоло, во 50. минута намали на 4:1. Домашните продолжија да се обидуваат, а младиот Матео Палма во 79. минута постигна уште еден гол за Удинезе и внесе мала неизвесност.
Сепак, Рома не дозволи да се случи целосен камбек. Во судиското продолжение Даниеле Гилјарди ги постави конечните 5:2 и ја потврди убедливата победа на гостите.



