Јерковиќ добро се познава со селекторот Кирил Лазаров, со кого бил соиграч во минатото, а токму на негов повик прифатил да биде дел од стручниот штаб на Македонија.
Машката ракометна репрезентација на Македонија го комплетира стручниот штаб со искусен хрватски стручњак. Драган Јерковиќ е новиот тренер задолжен за голманите во националниот тим.
Јерковиќ доаѓа со значајно искуство од европскиот ракомет, а особено се издвојува неговата работа во германската Бундеслига. Во последните две сезони беше ангажиран во Рајн-Некар Левен, додека од новата сезона ќе биде дел од стручниот штаб на ХЦ Ерланген.
Соработката со Македонија ќе биде уште една важна обврска за Јерковиќ, кој ќе има можност своето знаење да го пренесе на голманите во репрезентативниот состав.
Интересно е што тој има и лична поврзаност со македонскиот национален тим, бидејќи во минатото бил соиграч со актуелниот селектор Кирил Лазаров.
„Повикот од мојот поранешен соиграч и пријател Кирил Лазаров едноставно не можев да го одбијам. Македонија е репрезентација која има посебна емоција и огромна желба за напредок“, вели Јерковиќ.
Хрватскиот стручњак верува дека Македонија располага со квалитетни голмани и дека комбинацијата од искуство и младост може да донесе позитивни резултати.
„Особено ме радува работата со нашите голмани. Верувам во нивниот потенцијал и сигурен сум дека со заедничка работа можеме да направиме голем исчекор“, порача новиот член на стручниот штаб.