Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија донесе неколку одлуки по последните натпревари.
Дисциплинската комисија при Фудбалската федерација на Македонија на последната седница донесе неколку одлуки поврзани со случувањата на натпреварите од домашните натпреварувања.
Најстрога индивидуална санкција доби фудбалерот на ГФК Тиквеш 1930, Емануел Лавал кој е суспендиран на три натпревари поради црвениот картон што го заработи на натпреварот против Вардар.
Казна доби и кондицискиот тренер на Македонија Ѓорче Петров, Златко Ристов. Тој е суспендиран со забрана за вршење функција во траење од еден месец.
Воедно, против ФК Македонија ЃП е поведена дисциплинска постапка поради слаба организација на натпреварот од третото коло во ВМФЛ против Пелистер. Како причини се наведуваат користење пиротехнички средства и фрлање предмети на теренот.
Дисциплинска постапка е поведена и против ФК Шкупи 1927 АД, исто така поради лоша организација на натпреварот од третото коло во ВМФЛ против Тетекс 1953. Во овој случај се работи за фрлање предмети на теренот.
Највисока парична казна на оваа седница доби ФК Шкендија Арачиново. Клубот е санкциониран со 2.500 евра поради повеќе пропусти на натпреварот.
Во образложението се наведуваат фрлање предмети на теренот, присуство на неслужбени лица во службените простории и вербален напад врз судијата.