Рустемовски загуби на поени од Шпанецот во полуфиналната пресметка, и се избори само за бронзен медал.
Македонскиот боксер Ален Рустемовски, се закити со бронзен медал на Медитеранските игри во Таранто, Италија, откако денеска во полуфиналето е поразен од шпанскиот противник Еварт Андрес Марин Хернандез со 4:1 на поени.
Рустемовски најдобрата партија ја прикажа во третата рунда, но на крајот не успеа да направи пресврт, па така само судијата од Азербејџан му додели поен, додека другите судии од Јужна Кореја, Полска, Ирак и Египет беа на страната на Шпанецот за конечен триумф.
Ова е петти медал за Македонија на Медитеранските игри. Досегашните четири беа во борење. Сребрен медал освоија Реџеп Хајдари и Фати Вејсели, додека со бронза се закитија Ахмад Магомедов и Вероника Консевиќ.