По четврти пат во последните шест месеци не успеа изборот на ново раководство. Српската федерација веќе е во комуникација со УЕФА и ФИФА за решавање на ситуацијата.
Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС) се соочува со сериозни организациски проблеми, откако и по четврти обид во последните шест месеци не успеа да избере нов претседател. Причината е тоа што во предвидениот рок не пристигнала ниту една кандидатура за претседателската функција, но ниту за членови на Извршниот одбор.
Од ФСС официјално ја потврдија информацијата, соопштувајќи дека изборниот процес е во застој и дека веќе се водат разговори со надлежните служби на УЕФА и ФИФА за следните чекори.
„Истече рокот предвиден за поднесување кандидатури за претседател и членови на Извршниот одбор. До истекот на наведениот рок не беше поднесена ниту една кандидатура“, информираа од српската федерација.
Сега се разгледуваат неколку можни сценарија за излез од кризата, а едно од нив е УЕФА да именува привремена управа. Во таков случај, европската фудбалска централа би делегирала свои претставници од седиштето во Нион, кои привремено би го презеле управувањето со ФСС до создавање услови за нов изборен процес.
Како алтернативи се споменуваат формирање привремено раководство од домашни кадри или назначување вршител на должноста претседател, кој би ја извршувал функцијата до изборот на нов прв човек на федерацијата.
Во изминатиот период во српските медиуми се шпекулираше со неколку имиња како потенцијални наследници на Драган Џајиќ, но ниту еден кандидат официјално не влезе во изборната трка.