Фудбал

Несторовски: Ако ме повикаат, ќе дојдам да играм за Македонија

Несторовски: Ако ме повикаат, ќе дојдам да играм за Македонија

Искусниот македонски напаѓач, Илија Несторовски, во интервју за „Спорт Клуб“ во Хрватска вели дека не се откажал од репрезентацијата на Македонија, едноставно не добил повик.

Несторовски е нашиот напаѓач во најдобра форма, и покрај возраста, редовно ги тресе мрежите во хрватското првенство и постојано е во центарот на вниманието.

„Најголема фудбалска цел која не ја остварив е единствено што со Македонија не играв на тоа Европско првенство. Но, тоа е што е. Беше таа лоша повреда. Од другото играв во најсилните топ-5 лиги. Можеби ете некое Светско првенство, ако пак ме викнат во репрезентацијата, затоа што се вратив во добра форма. Никогаш не знаеш. Не се откажав од репрезентацијата, ако дојде повик секогаш сум достапен за Македонија. Да се игра за државата е гордост. Секогаш сум на располагање. Во последните години не ме викаат, но не ми е проблем, повеќе сум со семејството. Ама ако некој се сети на мене, тука сум“, вели Несторовски.

„Моментално, живеам месец за месец, ден за ден. Не знам што ќе биде со мојата кариера. Пред почетокот на оваа сезона размислував дека ќе биде ова моја последна сезона, но играм добро и навистина не знам. Нема многу да мудрувам, ќе видам што ќе биде кога ќе заврши со Славен договорот дали ќе одиграм уште една година или ќе завршам. Но, сигурно до јуни ќе играм фудбал, а потоа ќе видиме, ќе одлучиме со семејството. Можеби никој нема да ме сака на 37 години“.