Новак Ѓоковиќ ќе настапи на АТП 500 турнирот во Базел, откако во последен момент ја прифати поканата од организаторите, а ова значи дека српскиот тенисер се враќа на турнирот во Швајцарија по пауза од 15 години.
Одлуката доаѓа откако беше потврдено дека Карлос Алкараз нема да игра во Базел, туку ќе настапи во Виена. Организаторите брзо реагираа и успеаја да го привлечат еден од најдобрите тенисери на сите времиња, кој освои дури 24 грен-слем титули во кариерата.
Ѓоковиќ во Базел претходно играше во периодот од 2009 до 2011 година, а секојпат стигнуваше најмалку до полуфиналето, додека во 2009 година ја освои титулата.
Српскиот ас во Швајцарија пристигнува по настапите во Азија, каде што ја освои титулата во Пекинг, а потоа разочара во Шангај.
Турнирот во Базел ќе се игра од 24 октомври до 1 ноември.



