Кошаркарот Кавај Ленард казнет со 700.000 долари по истрагата за заобиколување на правилата за „селери кап“
НБА донесе жестоки казни за Лос Анџелес Клиперси, сопственикот Стив Балмер и Кавај Ленард по завршувањето на повеќемесечната истрага за можно заобиколување на правилата за „селери кап“.
Казните се меѓу најсуровите во историјата на НБА. Клиперси ќе мора да се откажат од пет први круга на драфтот, и тоа за 2029, 2030, 2031, 2032 и 2033 година, а клубот дополнително е казнет со 30 милиони долари.
Уште потежок удар за франшизата е суспензијата на сопственикот Стив Балмер. Тој е суспендиран на една година од сите активности поврзани со НБА и тимот, поради неговата улога во случајот.
Според истрагата, Балмер знаел за напорите да му се обезбедат дополнителни приходи на Ленард надвор од договорот со клубот. НБА утврдила дека тој одобрил деловен аранжман кој бил предуслов за компанијата „Aspiration“ да склучи договор за спонзорство со Ленард.
Кавај Ленард, пак, доби казна од 700.000 долари. Сепак, за разлика од клубот и Балмер, против него нема суспензија, ниту пак неговиот договор е поништен.
Истрагата се фокусираше на повеќе договори за приходи надвор од теренот, меѓу кои и договорот на Ленард со „Aspiration“, компанија која во меѓувреме банкротираше.
НБА утврдила дека Клиперси посредувале во создавањето на одредени комерцијални можности за Ленард со компании кои имале деловни односи со клубот. Исто така, било утврдено дека клубот плаќал одредени лични трошоци поврзани со Ленард и неговите претставници.