Триумфот на Реал Мадрид над Барселона (2-1) би можел да има и дисциплинска разрешница. Ла Лига најави пријава до Дисциплинската комисија по инцидентот во финишот на „Ел Класико“, кога од трибините биле фрлани предмети кон фудбалерите на мадридскиот тим, а дел од навивачите, наводно, се обиделе да го удрат Едуардо Камавинга со знамиња.
Победата на Реал Мадрид во големото шпанско дерби би можела да ѝ донесе дополнителни главоболки на Барселона. Ла Лига најави дека случајот со Едуардо Камавинга ќе го проследи до Дисциплинската комисија на Шпанската фудбалска федерација, која ќе треба да ги разгледа околностите околу инцидентот.
Сè се случуваше во самиот финиш на натпреварот, откако Килијан Мбапе, по асистенцијата на Камавинга, го постигна голот за победа на Реал од 2-1. Фудбалерите на гостинскиот тим се упатија кон оградата за да го прослават погодокот, но славјето набрзо беше проследено со непријатни сцени, откако од трибините кон нив беа фрлани различни предмети.
Шпанската новинска агенција „Европа прес“ објави дека дел од навивачите се обидувале со знамиња да го удрат францускиот играч за врска. Токму овој дел од инцидентот е во фокусот на најавената пријава.
„Ла Лига ќе го пријави нападот врз Камавинга од страна на еден од навивачите пред Дисциплинската комисија“, наведуваат извори од лигата, од каде што порачуваат дека остануваат посветени на борбата против сите облици на насилство и нетолеранција во шпанскиот фудбал.
За случувањата на „Камп Ноу“ известуваше и радиото „Кадена СЕР“, според кое судијата во официјалниот записник забележал дека на теренот биле фрлени шише и лименка. Поради инцидентот, натпреварот беше прекинат околу 80 секунди.
Сепак, наводните обиди за удирање со знамиња не биле посебно внесени во записникот, што би можело да биде важно во понатамошното разгледување на случајот.