Фудбал

Наумовски го сопре Силекс и донесе голем бод за Скопје

Наумовски го сопре Силекс и донесе голем бод за Скопје

Кратовци имаа повеќе од играта и создадоа неколку сериозни можности, но не успеаја да ја затресат мрежата на Автокоманда. Голманот на Скопје беше најзаслужен за конечните 0:0.

Скопје и Силекс ги поделија бодовите во натпреварот одигран на теренот во Автокоманда, откако по 90 минути игра мрежите мируваа (0:0). Гостите од Кратово беа поконкретни и имаа повеќе изгледни шанси, но наидоа на расположениот Кристијан Наумовски, кој со неколку одлични одбрани го сочува својот гол.

Силекс уште во раната фаза од натпреварот најави дека ќе ја преземе иницијативата. Во седмата минута, по грешка на Трајчевски, Манојлов доби одлична можност за погодок, но Наумовски успешно го затвори неговиот обид.

Кратовци продолжија да се закануваат, па во 22. минута Шеро се најде во добра позиција, но во последен момент беше запрен од Трајчевски. Девет минути подоцна, Тимовски се обиде од десната страна, но повторно Наумовски беше сигурен.

Скопје на почетокот на второто полувреме имаше можност да го казни противникот. Гордиќ ја искористи грешката на Џеков и се обиде да ја затресе мрежата, но топката заврши покрај голот.

Потоа следуваше нов период на иницијатива на Силекс. Во интервалот од 67. до 74. минута гостите создадоа неколку опасни ситуации. Најсериозната ја имаше Шеро со удар од далечина, од околу 22 метри, но Наумовски со фантастична интервенција спречи водство на кратовци. Хасукиќ во два наврати исто така се обиде да го пронајде патот до мрежата, но не беше прецизен.

Силекс не се откажа од потрагата по победнички гол ниту во завршницата. Во 87. минута Мишов имаше можност да донесе три бода за гостите, но Наумовски уште еднаш беше на висината на задачата.

На крајот, Скопје стигна до значаен бод, а најголемите заслуги за тоа ги има голманот Кристијан Наумовски, кој беше вистински херој на домаќините. Силекс, пак, може да жали за пропуштените можности и фактот што не успеа да ја материјализира теренската иницијатива.