Фудбал

Напаѓачот кој некогаш вредеше 40 милиони евра заигра по шест години и даде гол за победа (ВИДЕО)

Напаѓачот кој некогаш вредеше 40 милиони евра заигра по шест години и даде гол за победа (ВИДЕО)

Поранешниот напаѓач на Порто и Атлетико Мадрид, Џексон Мартинез, се врати на професионалните фудбалски терени по пауза од 2.288 дена, а камбекот го одбележа на најдобар можен начин со погодок за триумф на Индепендиенте Меделин од 2-1 против Алијанса.

Колумбиецот, кој денес има 40 години, последниот официјален натпревар го одигра во декември 2020 година, кога настапуваше за португалски Портимоненсе. Тогаш одлучи да ја заврши кариерата поради долгогодишните проблеми со повреда на скочниот зглоб, која го следеше уште од 2015 година.

Во текот на кариерата Мартинез остави значаен белег во европскиот фудбал, настапувајќи за Порто и Атлетико Мадрид, а беше дел и од кинески Гуангжу Евергранде. Особено успешен период имаше во Порто, каде што од 2012 до 2015 година постигна речиси 100 голови.

Во септември годинава потпиша договор со Индепендиенте Меделин до крајот на 2026 година, клубот во кој ја започна професионалната кариера во 2004 година.

На првиот настап по враќањето, Мартинез доби можност да влезе во игра и во 87. минута ја искористи одбиената топка по ударот во стативата, погодувајќи за конечни 2-1 и победа на својот тим.