Рафаел Надал, во неодамнешен документарец, изјави дека неговиот рекорд од 14 титули на Ролан Гарос е потежок за надминување отколку 24-те Грен слем титули на Новак Ѓоковиќ.
Шпанскиот тенисер Рафаел Надал предизвика бура од реакции со својата изјава за рекордите во тенисот, која директно го засега Новак Ѓоковиќ. Во документарец за неговиот живот, Надал истакна дека неговите 14 титули на Ролан Гарос се поголем предизвик за надминување отколку 24-те Грен слем трофеи на српскиот ас.
„Мојот рекорд на Ролан Гарос ќе биде тешко да се собори. Мислам дека тоа ќе биде потешко отколку да се надминат 24-те Грен слем титули на Новак Ѓоковиќ. Никогаш не се знае, но кога би се обложил, верувам дека ќе биде потешко да се соборат моите 14 трофеи на Гарос отколку неговите 24 вкупно“, изјави Надал пред две години, по неговиот последен меч на париската земјена подлога, кога загуби од Александар Зверев во раната фаза на турнирот.
Надал, исто така, се осврна и на легендарното финале на Австралија Опен од 2012 година против Ѓоковиќ. „Петтиот сет беше брутален, вистинска касапница. Изгубив, но не бев фрустриран или очаен. Бев задоволен бидејќи успеав психолошки да се победам себеси. Чувствував дека се враќам“, додаде Шпанецот.
Оваа изјава доаѓа во период кога Новак Ѓоковиќ, и покрај поразот од Жоао Фонсека на Ролан Гарос, продолжува да покажува врвна форма на 39 години. Ѓоковиќ, по поразот, му оддаде почит на младиот Бразилец, пишувајќи на социјалните мрежи: „Епска битка, Жоао. И тешко извојувана победа која ја заслужуваш. Среќно до крајот на турнирот и неверојатната кариера која е пред тебе.“