Тенис

Надал откри: „Секој ден живеев со болки, тенисот ми стана трка со времето“

Надал откри: „Секој ден живеев со болки, тенисот ми стана трка со времето“

Шпанската легенда со години се бореше со сериозни здравствени проблеми, а повредите на стапалото, колената и колкот на крајот го принудија да стави крај на блескавата кариера.

Рафаел Надал со години изгледаше како тенисер кој може да ги надмине сите граници на физичката издржливост. Освои 22 грен-слем титули, од кои дури 14 на Ролан Гарос, но зад историските успеси се криеше секојдневна борба со болките и повредите.

Легендарниот Шпанец сега отворено зборува за тешкиот период низ кој минувал во текот на кариерата, откривајќи дека неговото тело постојано било на границата на издржливоста.

„Имав премногу болки секој ден. Целата тениска кариера ја поминав играјќи со болки“, откри Надал.

Неговите проблеми започнале уште во 2005 година, кога му бил дијагностициран Милер-Вајсов синдром, ретко дегенеративно заболување што зафаќа коска во стапалото. Повредата на левото стапало го следеше во најголемиот дел од кариерата, а со текот на времето се појавија и други здравствени проблеми.

Надал не се предаваше. Го приспособуваше начинот на игра, користеше специјални влошки и бараше решенија што ќе му овозможат да остане конкурентен на највисоко ниво.

„Тенисот стана трка со времето. Постојано се прашував колку уште можам да издржам со ова стапало. Никогаш не знаев колку долго ќе трае мојата кариера“, призна Шпанецот.

Покрај проблемите со стапалото, Надал имаше повреди на колената, зглобот, ребрата и колкот. Долготрајното користење лекови против болки му предизвика и дополнителни здравствени компликации.

Еден од највпечатливите примери за неговата издржливост се случи на Ролан Гарос во 2022 година. Иако имаше сериозни проблеми со стапалото, Надал успеа да ја освои 14. титула во Париз, совладувајќи го Каспер Руд во финалето.

За да продолжи да игра, користеше локални анестетички инјекции за да ги намали болките. Подоцна откри дека за време на финалето имал намалено чувство во стапалото.

„Клучно беше тоа што страдањето беше помало од страста и среќата што ми ги носеше тенисот“, изјави Надал.

Сепак, дојде моментот кога ниту неговата неверојатна волја не беше доволна. Во ноември 2024 година, на завршниот турнир од Дејвис купот во Малага, се прости од професионалниот тенис.

„Одлуката ја донесов во вистинскиот момент. Повеќе немав што да дадам. Моето тело беше исцрпено. Играв со премногу ограничувања“, објасни тој.

Денес, Надал не крие дека пензионирањето му донело олеснување. Иако тенисот останува голем дел од неговиот живот, рекетот го потсетува на тешките моменти низ кои минувал.

„Кога ќе го земам рекетот во раце, тоа ме потсетува на многуте болки што ги претрпев“, откри легендарниот Шпанец.