Новак Ѓоковиќ одамна си обезбеди место меѓу најголемите тенисери на сите времиња, а неговата доминација ја потврдуваат и бројките што немаат конкуренција. Кога станува збор за парите заработени од турнири, никој во историјата на „белиот спорт“ не е поуспешен од српскиот ас.
Според податоците што ги пренесува американскиот портал „Athlon Sports“, Ѓоковиќ од турнирските награди инкасирал повеќе од 193 милиони долари и се наоѓа убедливо на првото место на вечната листа. Зад него останаа неговите најголеми ривали, Рафаел Надал со околу 135 милиони и Роџер Федерер со приближно 130,5 милиони долари.
Разликата доволно говори за големината на кариерата на Новак. Со години ги освојуваше најголемите турнири, редовно стигнуваше до завршниците и успеваше да остане на врвот дури и кога се чинеше дека помладите генерации се подготвени да го преземат приматот. Токму континуитетот и долговечноста, заедно со бројните титули, беа клучни за неговата заработка.
Сепак, парите што Ѓоковиќ ги освои на теренот се само дел од неговата финансиска приказна. Во текот на кариерата изгради соработка со бројни светски брендови, меѓу кои се „Лакост“, „Асикс“, „Хед“ и „Убло“, а приходи остварува и преку различни бизнис-проекти.