Реал Мадрид го претрпе првиот пораз во новата сезона, откако на гостувањето кај Бетис загуби со 0:1, а Жозе Мурињо по натпреварот не го криеше разочарувањето од резултатот.
„Кралевите“ имаа свои шанси и според Мурињо заслужиле повеќе од пораз, но домаќините успеаја да стигнат до победата со голот на Трој Парот во 81. минута, по корнер.
Португалскиот стратег, сепак, спортски му честиташе на противникот, но испрати и неколку критики за начинот на кој Бетис го одиграл натпреварот.
„Му честитам на Бетис, кој играше на нерешено и на крајот извлече џекпот“, изјави Мурињо.
Тренерот на Реал смета дека неговиот тим одиграл доволно добро за да не загуби.
„Понекогаш губиш натпревар, а не знаеш зошто. Ако завршеше нерешено, ќе бевме фрустрирани затоа што направивме повеќе. Замислете како се чувствуваме сега со поразот“, додаде тој.
Мурињо не сакаше да ги коментира спорните ситуации и одлуките на судијата, но имаше забелешки за критериумот при доделувањето жолти картони.
Особено го налутија ситуациите во кои, според него, фудбалерите на Бетис претерано реагирале по дуелите.
„Еден од играчите пред мојата клупа изгледаше како да е мртов. Мислев дека доаѓа итна помош, но на крајот немаше никаква итна помош“, рече Португалецот.
Тој смета дека фудбалерите на Бетис биле поискусни во ваквите ситуации.
„Играчите на Реал Мадрид се чисти, наивни. Играчите на Бетис се попаметни. Очигледно е дека имаат и поддршка од одличните навивачи кои вршат притисок“, објасни Мурињо.