Вардар денеска со почеток од 20:45 часот му гостува на Нант во натпревар од петтото коло во Лигата на шампионите, црвено-црните ја бараат првата победа.
Во составот на Вардар се враќа Урош Митровиќ, во комбинација ќе биде и Марио Стојановски, но Иван Чупиќ нема да може да смета на Мохаб Абделхак и Махамаду Кејта поради здравствени проблеми.
„Сакаме да победиме и да останеме конкурентни, како што бевме досега. Знаеме дека е многу тешко да се победи во Нант. Не сакам да размислуваме дека само добро издание и добар впечаток ќе бидат доволни. Во Нант мора да се бориме, да покажеме вистински гард и вистински став, како и секогаш досега. Тоа никогаш не смее да изостане.
Ова се тешки моменти. Имавме големи очекувања и се надевавме дека ќе ја поминеме групната фаза. Сепак, сакаме да испратиме порака за во иднина дека сме живи и конкурентни и дека оваа екипа е во процес на развој. Секој натпревар во Лигата на шампионите за нас е како финале. Мора да се претставуваме како што треба и сакаме да учиме од секој натпревар.
Го имаме Урош, но го немаме Мо. Тој има проблем и не патуваше со нас, па повторно остануваме со само еден десен бек. Урош сигурно ја заслужува оваа шанса. Со начинот на кој тренира и работи, како и со сè што направи минатата сезона, заслужува да игра повеќе и повеќе да ни помага. Сега, кога сме без Мо, ќе добие вистинска шанса.
Ќе бидеме и без Кејта, кој има вироза и не можеш да патува со нас. Малку сме тенки во ростерот, но се враќа Урош, а Педро може да покрие две позиции. Се враќа и Марио, така што сме покриени на левото крило.
Урош со својата работа минатата сезона многу ни помогна да избориме настап во Лигата на шампионите. Ќе добива поголема шанса и верувам дека ќе продолжи по патот од минатата сезона. Мо во овој момент се профилираше како прва опција, но секој натпревар е можност за докажување.
Не само од Урош, туку од сите очекувам борбен и машки натпревар од наша страна. Верувам дека среда ќе биде наш ден“, изјави Чупиќ за официјалниот сајт на Вардар.
Митровиќ по пауза од четири натпревари повторно е во стројот на Вардар. Тој најавува максимална борба за победа во Нант.
„Желбата остана тука, не замина. Секогаш се подготвував за овие натпревари во Лигата на шампионите и ја чекав својата шанса. Конечно, по месец и половина, ми истече казната од четири натпревари и сега можам да играм и да ѝ помогнам на екипата.
Не знам дали тоа што немаме притисок може да биде олеснување, но секако ќе играме до крај и ќе го дадеме максимумот. Иако немаме шанси да ја поминеме групата и ќе продолжиме во Европската лига, каде што игравме и минатата сезона, нема причина да не играме со 100 проценти и да бараме победа“, изјави Митровиќ.
Натпреварот меѓу Нант и Вардар ќе може да го следите низ директен пренос на Арена М3 Премиум.