Селекторот на Македонија го анализираше настапот на ЕвроВолеј 2026 и посочи дека репрезентацијата се соочила со исклучително силна конкуренција во групната фаза
Македонската одбојкарска репрезентација го заврши четвртиот последователен настап на Европското првенство, а селекторот Јошко Миленкоски направи анализа на настапот на националниот тим на ЕвроВолеј 2026.
Македонија настапот во Софија го заврши во групната фаза, на петтото место во групата Б, со една победа – против Израел во последното коло. Во конкуренција беа и Полска, Украина, Бугарија и Португалија.
Миленкоски потенцира дека самото учество на четврто Европско првенство во низа претставува значаен резултат за македонската одбојка.
„Самиот факт што повторно бевме во друштво со дел од најдобрите европски и светски репрезентации е голема сатисфакција, особено ако се земат предвид вложениот труд, напорните подготовки и резултатите што ги постигнавме во изминатиот период“, истакна селекторот.
Тој посочи дека Македонија се најде во исклучително тешка група, во која настапуваа и актуелниот европски шампион Полска, светскиот вицешампион Португалија и Украина, селекција од светскиот врв.
„Тоа беше најтешката група на Европското првенство. Португалија и Израел исто така се репрезентации со европски квалитет, кои често стигнуваат до завршниците на натпреварувањата. Но, без оглед на групата, можеби пласманот ќе беше ист“, смета Миленкоски.
Според него, резултатите и статистиката покажуваат дека Македонија била конкурентна во однос на повеќе селекции на шампионатот.
„Осум репрезентации пласирани од 16. до 24. место имаат ист број на победи и ист или помал број бодови од нас. Тоа е податок кој треба да ни биде сатисфакција. Постигнавме ист или подобар резултат од Холандија, Израел, Шведска, Словачка, Швајцарија и Турција. Фактите, бројките, статистиката и табелата зборуваат за тоа“, додаде селекторот.
Во анализата на играта, Миленкоски посочи дека имало периоди во кои Македонија била рамноправна со противниците, но и сегменти во кои разликата била очигледна, особено во сервисот и приемот.
„Сервисите од 125 до 130 километри на час ни претставуваа голем проблем. Нашите примачи и либерата во домашното првенство не се соочуваат со такви сервиси и затоа беа ставени во тешка ситуација. Тоа е нов тренд во одбојката кој мора да го следиме“, објасни Миленкоски.
Селекторот им оддаде признание на репрезентативците за односот кон националниот дрес и ангажманот во текот на шампионатот.
„Можам да кажам само пофални зборови за односот, залагањето, желбата, мотивацијата и одговорноста што ја покажаа кон националниот дрес. Четврто Европско првенство во низа и континуираното учество во Европската лига се големи достигнувања за една релативно мала федерација и репрезентација“, порача селекторот.