Одбојка

Миленкоски: Играме во најтешката група на ЕП, но добро сме подготвени!

Миленкоски: Играме во најтешката група на ЕП, но добро сме подготвени!

Македонските одбојкари одржаа прес-конференција пред заминувањето за Софија каде ги играат натпреварите од Европското првенство.

Од 9 септември Македонија го почнува настапот на Европското првенство во одбојка. Во нашата група се селекциите на Бугарија, Полска, Украина, Португалија и Израел.

Групата е многу силна, но селекторот Јошко Миленковски вели дека ќе го дадат максимумот за да ја претстават Македонија во најдобро светло.

„Ова е манифестација најголема во нашиот спорт во моментов, каде што ќе продефилираат најдобрите светски одбојкари, а репрезентациите се од самиот светски врв. Само да потсетам дека Полска, Бугарија и Украина моментално се меѓу првите десет рангирани репрезентации на светската листа. Португалија и Израел се добро познати противници против кои сме играле, особено против Израел, но и тие се исто така од самиот врв на европската одбојка. На сите им е јасно дека играме во најтешката група на ова Европско првенство, меѓутоа во рамките на подготовките добро се подготвивме за добро претставување на Европското првенство“, вели Миленковски.

„Меѓутоа, искрени да бидеме, и ние самите сме свесни дека првите три натпревари против Бугарија, Украина и Полска ќе ни бидат можеби подготвителни натпревари за она што следи, најважните натпревари против Португалија и Израел. Секако дека и против првите три ривали ние нема да се откажеме, ќе ја играме нашата најдобра игра и достоинствено ќе ја претставиме нашата земја“.

Настапот на Македонија на Европското првенство ќе може да го следите на програмите на Арена Спорт Македонија.