Селекторот на македонската одбојкарска репрезентација, Јошко Миленковски, е задоволен од изданието против Бугарија, а очекува слично да поминеме и со Украина.
Македонија загуби со 0-3 од Бугарија, но прикажа солидна игра со оглед на тоа што Бугарите се светски вицешампиони и играа на свој терен.
„Мислам дека мечот од наша страна беше добар, затоа што впечатоците кај одбојкарската јавност и познавачи на одбојката, се дека тоа беше добар дуел и ние дадовме добар отпор на Бугарија, особено во одредени фази на играта, до самата завршница, имавме добар резултат, но знаете дека двете од најголемите светски ѕвезди на елементот сервис се во оваа екипа. Имавме ситуација кога бевме немоќни, особено против сервисот на браќата Николови кои јасно е дека беше преку 120 километри на час, што е навистина тешко да се игра против таков елемент на таков начин. Тој меч мора да го архивираме и да се насочиме кон Украина“, вели Миленковски.
Одбојката е спорт во кој изненадувањата се голема реткост, па тешко е дека поразлично може да поминеме и против Украина. Тоа го потенцира селекторот Миленковски кој вели дека мечот со Украинците треба да ни послужи како подготовка за последните мечеви, дуелите со Португалија и Израел, противници со кои можеме да се надигруваме.
„Украина ја анализиравме добро, се работи за една од најдобрите европски репрезентации, во ТОП-10 на светската ранг-листа. Украина е составена од ѕвезди, најголемата им е Плотницки, еден од најдобрите сервери во светот, тоа може да ни биде проблем, но ќе видиме како ќе се спротиставиме. Последните подготовки се направени, треба да ја играме нашата игра. Овој меч ќе ни послужи како подготовка за последните два меча. Рецептот треба да е ист како со Бугарија, да не се оптоваруваме со ривалот, туку со нас“, изјави Миленковски.
Мечот меѓу Македонија и Украина се игра утре (петок) со почеток од 15 часот. Преносот е на Арена Спорт Македонија.