„Металците“ имаа шанса за пресврт во последните минути, но грчкиот тим беше посигурен и го однесе триумфот со 59:64.
МЗТ Скопје со пораз го започна настапот во ФИБА Европа купот. „Металците“ на свој терен во драматичен и резултатски неизвесен натпревар загубија од Ираклис со 59:64.
Гостите подобро го отворија мечот и по првите десет минути имаа предност од 21:26. Сепак, МЗТ постепено ја презеде иницијативата, па во 17. минута по тројката на Ноа Али Фаракан стигна до првото водство на натпреварот – 37:36.
Ираклис веднаш возврати со серија од четири поени, но домашниот состав не дозволи противникот да се одлепи. Маслинко погоди во самиот финиш на вториот период и на полувреме МЗТ замина со минимална негатива од 39:40.
Третата четвртина донесе борба за секој поен. Ираклис во еден момент имаше највисоки осум поени предност (39:47), но „металците“ не се откажаа и со поените на Крајиниќ стигнаа до само два поени негатива – 51:53 пред последните десет минути.
Во последната четвртина двата тима имаа големи проблеми со реализацијата. Во два наврати поминаа по две минути без постигнат кош, а МЗТ сепак успеа да остане во игра до самиот финиш.
Николиќ на нешто повеќе од две минути до крајот погоди за 57:58 и му даде на МЗТ шанса целосно да го сврти натпреварот. Фаракан не реализираше во следниот напад, а Мелвин го казни тоа за 57:60. Тадиќ потоа не погоди за три, додека Леку зголеми на 57:62.
Тадиќ со две погодени слободни фрлања на 35 секунди до крајот намали на 59:62, но МЗТ не успеа да дојде до нов напад за израмнување. Диара стави точка на натпреварот со поените за конечни 59:64.
Фаракан беше најефикасен кај МЗТ со 18 поени, додека Лесли Ворнер заврши со 11. Кај Ираклис најдобар стрелец беше Леку со 18 поени.
За МЗТ следува нов европски предизвик, а „металците“ ќе мора да ја подобрат реализацијата доколку сакаат да стигнат до првата победа во ФИБА Европа купот.