Кошарка

МЗТ го доби ТФТ во дербито и остана максимален

МЗТ го доби ТФТ во дербито и остана максимален

Шампионот МЗТ Скопје продолжува со сигурни настапи во домашното првенство. „Штрковите“ во дербито на третото коло го совладаа ТФТ со 70-66 на домашен терен, нанесувајќи му го на противникот вториот пораз сезонава и задржувајќи го максималниот ефект.

Домаќините ја контролираа играта од самиот почеток до крајот на натпреварот, а единствениот момент кога резултатот беше израмнет беше на стартот, при 2-2. Потоа МЗТ брзо ја презеде иницијативата и со серија добри напади се одлепи на 16-6, за првата четвртина да ја заврши со убедливи 25-10.

Избраниците на МЗТ продолжија во ист ритам и во втората четвртина, одржувајќи ја двоцифрената предност и не дозволувајќи му на ТФТ да се врати во натпреварот. На полувремето домашниот тим замина со водство од 41-28.

Сликата на теренот не се менуваше значително ниту во продолжението, кога МЗТ ја чуваше контролата врз резултатот. Сепак, ТФТ не се предаде и во финишот успеа да внесе неизвесност. Во последната минута гостите се доближија на само три поени негатива, но шампионот не дозволи целосен пресврт и на крајот ја запиша победата со конечни 70-66.

Димитрије Николиќ беше прв стрелец кај МЗТ со 15, додека за ТФТ до дабл-дабл стигна Секоу Сила со 19 поени и 13 скокови.

За ТФТ ова беше втор пораз во првите три кола, откако претходно загуби и од Пелистер, додека единствениот триумф го оствари против Скопје во минатото коло. МЗТ, пак, по победите над Куманово и Кожуф, продолжува со максимален учинок.

Шанса да му се приклучи на шампионот на врвот со перфектен биланс има и Работнички, кој за два дена ќе му гостува на Пелистер во Битола.