Аргентинецот стигна до 25 погодоци сезонава, а вториот гол против Атланта беше негов 936. во кариерата.
Лионел Меси продолжува да го воодушевува фудбалскиот свет. Аргентинската суперѕвезда постигна два гола во победата на Интер Мајами од 3:1 на гостувањето кај Атланта Јунајтед во МЛС-лигата.
Со новиот блескав настап, Меси стигна до 25 голови во тековната сезона, а Интер Мајами ја забележа третата последователна победа во американското првенство.
Гостите поведоа во финишот на првото полувреме, кога Херман Бертераме во 45. минута со глава ја затресе мрежата по одличното нафрлување на Луис Суарез.
Потоа на сцена стапи Меси. Во 56. минута, по асистенција од Бертераме, Аргентинецот со одличен индивидуален продор ја мина одбраната на домаќините и прецизно реализираше за 2:0.
Само неколку минути подоцна, Меси повторно ја покажа својата фудбалска магија. По додавање низ средината, со неколку мајсторски потези се ослободи од противничкиот дефанзивец и ја испрати топката во мрежата за 3:0. Тоа беше неговиот 936. гол во професионалната кариера.
Атланта успеа само да го ублажи поразот во завршницата, кога резервистот Фафа Пико реализираше пенал. Меси во последните секунди од натпреварот доби и жолт картон.
Со оваа победа, Интер Мајами стигна до 55 бода и се наоѓа на второто место во Источната конференција. На врвот е Нешвил со 66 бода.