Лионел Меси и Кристијано Роналдо би можеле за првпат во своите кариери да заиграат во ист тим, и тоа во спектакуларен натпревар посветен на Карлос Тевез.
Двете најголеми фудбалски ѕвезди од својата генерација би можеле да напишат уште една страница во историјата на фудбалот. Меси и Роналдо, кои со години беа најголеми ривали на светската сцена, се на чекор од тоа за првпат да се најдат на иста страна.
Причината е прошталниот натпревар на Карлос Тевез, кој се подготвува да организира голем спектакл во Буенос Аирес. Идејата е на едно место да се соберат околу 60 фудбалери кои оставиле трага во неговата кариера.
Тевез во текот на кариерата играше со Меси во репрезентацијата на Аргентина, додека со Роналдо беше соиграч во Манчестер Јунајтед. Токму поради тоа, нивното евентуално обединување би било една од најголемите атракции на натпреварот.
Според најавите, спектаклот би требало да се одржи во декември на легендарната „Ла Бомбонера“, стадионот на Бока Јуниорс.
Меси и Роналдо во текот на своите кариери одиграа десетици натпревари еден против друг, најмногу во периодот кога Аргентинецот настапуваше за Барселона, а Португалецот за Реал Мадрид. Нивното ривалство стана едно од најпознатите во историјата на спортот.
Иако во јануари 2023 година двајцата повторно се најдоа на теренот во егзибицискиот дуел меѓу ПСЖ и комбинацијата на Ал Хилал и Ал Наср, тие тогаш беа противници. Меси постигна гол, додека Роналдо двапати се запиша во листата на стрелците во натпреварот кој заврши 5:4 за францускиот гигант.
Сега, за првпат, постои можност легендарните ривали да бидат соиграчи во ист тим.
Сепак, треба да се напомене дека плановите сè уште се во почетна фаза, а не е познато ниту во кој тим би настапиле Меси и Роналдо. Токму затоа, доколку договорот биде реализиран, јавноста ќе добие спектакл каков што досега не сме виделе.