Кошарка

Мекиќ испрати порака по „демолирањето“ на Австрија: Ако продолжиме вака, ќе имаме светла иднина

Мекиќ испрати порака по „демолирањето“ на Австрија: Ако продолжиме вака, ќе имаме светла иднина

Македонскиот репрезентативец блесна во Виена, а по убедливиот триумф го истакна тимот како најсилен адут.

Македонската кошаркарска репрезентација одигра фантастичен натпревар во Виена и ја совлада Австрија со убедливи 91:59, а еден од најдобрите поединци на теренот беше Адем Мекиќ.

По мечот, Мекиќ не сакаше во преден план да го стави својот учинок, туку целото внимание го насочи кон тимската игра и пристапот на македонските кошаркари.

„Извонреден резултат. Добивме многу значаен натпревар. Знаевме дека Австрија ќе почне многу офанзивно и физички, па моравме да одговориме на тоа“, истакна Мекиќ.

Македонија уште од самиот почеток покажа дека во Виена дошла по победа. Избраниците на Жозеп Марија Берокал одиграа енергично, агресивно и со голема самодоверба, па на крајот стигнаа до убедлив триумф.

„Многу сум горд на соиграчите и на стручниот штаб што влеговме многу енергично, мотивирано и со голема самодоверба“, додаде македонскиот репрезентативец.

Мекиќ смета дека најголемата сила на оваа Македонија е фактот што секој кошаркар ја знае својата задача. Посебно ги издвои лидерите на тимот, Ненад Димитријевиќ и Војдан Стојановски.

„Многу е битно што играме како тим. Знаеме кои се лидерите на оваа репрезентација, тука е Нено, тука е Војдан. Секој има своја улога и сите ја извршуваме задачата што ни е зададена на максимум“, вели Мекиќ.

Токму враќањето на Димитријевиќ во репрезентативниот дрес донесе дополнителен квалитет, а бекот на Македонија во Виена испиша и историја со трипл-дабл од 15 поени, 14 скока и 11 асистенции.

Но, Мекиќ гледа многу подалеку од една победа. Тој верува дека оваа репрезентација има потенцијал за сериозни резултати доколку продолжи во ист ритам.

„Ако продолжиме така, мислам дека оваа репрезентација има светла иднина“, порача Мекиќ.