Килијан Мбапе неодамна направи гаф откако го нарече Мао Це Тунг диктатор, што предизвика сериозни реакции во Кина.
Веднаш потоа, кинеските компании кои го користеа ликот на Мбапе за промоција на своите производи ги повлекоа рекламните материјали. И кинеската телевизија одлучи да ги прекине преносите од шпанската Ла Лига. Очигледно, притисокот поради финансиските последици бил преголем, па Мбапе мораше јавно да им се извини на Кинезите за своите зборови.
„За време на едно неодамнешно интервју зборував за интернет-мемови на кои сум јас. Мојот коментар беше непромислен и сфатив дека со него повредив многу луѓе во Кина, како и припадници на кинеската заедница ширум светот. Им се извинувам на сите што ги повредив. Тоа воопшто не ми беше намерата. Имам голема почит кон кинескиот народ и неговата историја и искрено ми е жал“, напиша Мбапе на социјалните мрежи.
Инаку, францускиот фудбалер во една француска ток-шоу емисија изјавил дека најчесто користи мем со „кинескиот диктатор“, мислејќи на Мао Це Тунг.
Мао Це Тунг со децении беше на чело на кинеската држава, а според проценките, за време на неговиот режим животот го загубиле меѓу 40 и 80 милиони луѓе.