Црвена Звезда и официјално го продолжи договорот со македонскиот талент Матеј Гаштаров, кој стави потпис на нова соработка до летото 2029 година.
Младиот играч за врска ги оправда очекувањата на подготовките за новата сезона, а добрите настапи и голот на пријателските натпревари му донесоа доверба од раководството на белградскиот клуб.
Гаштаров пристигна на „Маракана“ во 2024 година, а досега запиша еден официјален настап за сениорскиот тим. Во меѓувреме беше дел од генерацијата која ја освои титулата во младинското првенство на Србија, а пролетниот дел од минатата сезона го мина на позајмица во Борац Чачак, каде што доби сениорска минутажа.
Македонскиот младински репрезентативец е дете на Вардар и важи за еден од најперспективните фудбалери во својата генерација. Со новиот договор, Црвена Звезда јасно покажа дека има долгорочни планови со 19-годишниот играч за врска.