Вардар продолжува со доминацијата во македонската ракометна Суперлига. Актуелниот шампион славеше со убедливи 38-29 на гостувањето кај Прилеп и ја запиша осмата победа од исто толку натпревари.
„Црвено-црните“ на Иван Чупиќ на полувремето водеа со 16-14, но клучната разлика ја направија во вториот дел. При водство од 25-22, Вардар постигна пет гола во низа за убедливи 30-22 и практично го реши прашањето за победникот.
Јака Малус со 11 гола беше најефикасен кај скопјани, Урош Митровиќ постигна осум, а голманот Васил Гогов забележа 14 одбрани. Кај Прилеп, Никола Шипинкоски заврши со седум погодоци.
Вардар сега се подготвува за сериозните предизвици што следуваат,дуелот со Мелсунген во Лигата на шампионите и дербито со Пелистер во домашното првенство.