Кошаркарот на Валенсија имаше неколку блескави партии, и поради тоа Евролигата го прогласи за најкорисен за изминатиот месец.
Репрезентативецот на Македонија, Ти-Џеј Шортс, ја пронајде вистинската форма во редовите на Валенсија, а неговите одлични партии на почетокот од сезоната беа крунисани со големо признание – Евролигата официјално го прогласи за најкорисен играч (МВП) за месец октомври.
Шортс зад себе има фантастичен период во кој се наметна како еден од најдоминантните кошаркари во елитното европско натпреварување. Статистиката најдобро го потврдува неговиот придонес: на девет одиграни натпревари Шортс во просек бележеше 17,1 поен, 5,7 асистенции, 1,8 скокови и 0,9 украдени топки. Според поентерскиот и асистентскиот ефект се наоѓа на третото место во Евролигата, додека со просечен индекс на корисност од 20,7 е меѓу двајцата најуспешни играчи во целото натпреварување.
Неговиот влијателен придонес се одрази и врз резултатите на тимот. Валенсија во овој период запиша шест победи, а додека Шортс беше на паркетот, екипата оствари вкупна разлика од дури +89.
По заминувањето од Панатинаикос, плејмејкерот очигледно пронајде средина во која повторно ги прикажува сите свои квалитети.
„Јасно е дека сите ја знаат приказната за мојата мината година и како се одвиваше сè. За мене тоа беше само една лекција. Сега, кога сум во Валенсија, повторно имам улога во која навистина можам да го дадам максимумот и се чувствувам самоуверено. Како да вдишав свеж воздух и повторно уживам играјќи кошарка. Засега престојот во Валенсија исклучително ми годи“, изјави Шортс.