Избраниците на Кирил Лазаров вечерва (19 часот) во СЦ „Борис Трајковски“ ги започнуваат квалификациите за континенталниот собир. Целта е јасна – победа пред домашната публика и добар почеток на новиот циклус.
Македонската ракометна репрезентација вечерва го започнува новиот квалификациски циклус за пласман на Европското првенство во 2028 година. Прв противник на патот кон континенталниот собир ќе биде селекцијата на Луксембург, која гостува во Скопје на стартот од квалификациите.
Македонските ракометари влегуваат во нов предизвик со желба да го продолжат континуитетот на големите натпреварувања. Првиот чекор е да се искористи домашниот терен и со победа да се отворат квалификациите, пред следното гостување против Грција.
Селекторот Кирил Лазаров ќе има на располагање состав кој треба да ја оправда фаворитската улога. Посебно внимание ќе биде потребно во играта против младата селекција на Луксембург, која според Марко Митев располага со добра транзиција и може да биде опасна доколку ѝ се остави простор за брзи напади.
„По подолго време повторно сме заедно. Секогаш имаме позитивна атмосфера на ваквите собири. Играме против Луксембург, млад тим кој има добра транзиција и мораме да бидеме подготвени за тоа. Фаворити сме, одиме на победа, сакаме да ја израдуваме публиката и со триумф да ги започнеме квалификациите“, истакна Митев.
Средниот бек потенцира дека Македонија нема да ја потцени ниту следната пречка, иако фокусот во моментов е целосно насочен кон вечерашниот дуел.
„Потоа, во недела нè чека натпревар со Грција на гостински терен. Имаат сериозна екипа и мораме многу сериозно и внимателно да му пристапиме на тој меч. Видовме дека Холандија двапати загуби од нив пред неколку месеци. Но, и таму ќе одиме на победа“, најави Митев.
Добра вест за стручниот штаб е што репрезентацијата го одработи собирот без проблеми со повреди, а дополнителна вредност треба да донесе и новиот репрезентативец Дмитро Горига. Украинскиот ракометар постепено се вклопува во системот на Лазаров и ќе биде уште една опција во македонскиот состав.
„Горига е нов, полека се вклопува. Сите играчи му помагаме побрзо да влезе во системот. Има предиспозиции и квалитети и сигурен сум дека ќе биде додадена вредност за репрезентацијата“, додаде Митев.
Македонија вечерва ќе ја има и поддршката од домашните навивачи, кои се очекува да создадат атмосфера достојна за почеток на новиот квалификациски циклус. Победа над Луксембург би била најдобрата увертира пред гостувањето во Грција, каде што македонските ракометари ќе имаат значително потежок предизвик.