Фудбал

Македонија ја запиша првата победа на Светското првенство

Македонија ја запиша првата победа на Светското првенство

Избраниците на Горан Станковски славеа со 4:1 во Баку, а Фисник Амити беше двоен стрелец за македонската селекција.

Младата репрезентација на Македонија до 15 години со победа го отвори настапот на Светското првенство во форматот 7+1, кое се одржува во Баку, Азербејџан. Македонските фудбалски надежи во премиерниот натпревар ја совладаа Панама со убедливи 4:1.

Избраниците на селекторот Горан Станковски прикажаа сигурна игра и со четири постигнати гола успешно го започнаа предизвикот на меѓународната сцена.

Најрасположен во македонскиот состав беше Фисник Амити, кој двапати ја затресе мрежата на противникот. По еден погодок за Македонија постигнаа и Доротеј Христов и Стефан Стојаноски, со што беше комплетиран убедливиот триумф од 4:1.

Македонија на овој дуел започна со Марио Стојковски, Јетмир Асани, Дин Рожајац, Стефан Арсов, Давор Таневски, Јоан Ѓорѓиевски, Доротеј Христов и Јован Јанчевски.

Светското првенство во форматот 7+1 е дел од проектот на ФИФА за унапредување на младинскиот фудбал и овозможување меѓународно искуство за младите играчи. Натпреварите се играат со седум фудбалери во поле и голман, во две полувремиња од по 20 минути.

За македонската репрезентација следуваат уште четири натпревари во групната фаза, против селекциите на Чад, Кенија, Малта и Нигер. Со успешен почеток и освоените три бода, младите македонски фудбалери ќе се обидат да продолжат во ист ритам и да обезбедат место во елиминациската фаза.