„Македонецот“ Шортс со 21 поен ја израдува Валенсија, Панатинаикос подобар од Милано

„Македонецот“ Шортс со 21 поен ја израдува Валенсија, Панатинаикос подобар од Милано

Кошаркарите на Панатинаикос и Валенсија забележаа важни победи во Евролигата, а во центарот на вниманието беа и двајцата американски кошаркари со македонски пасоши – Мозес Рајт и Ти-Џеј Шортс.

Панатинаикос го совлада Милано со 80-75 во Атина по возбудлив натпревар во кој неизвесноста траеше речиси до самиот крај. Италијанскиот тим ја доби првата четвртина со 19-18, но грчкиот гигант направи пресврт и на полувремето замина со предност од 40-37.

Во продолжението се водеше израмнета битка, а во драматичната завршница домаќините успеаја да го одбранат домашниот терен и да стигнат до триумфот.

Македонскиот репрезентативец Мозес Рајт го заврши натпреварот со девет поени, четири скока и една асистенција. Најзаслужен за победата на Панатинаикос беше Кевин Нан, кој запиша 20 поени и шест асистенции.

Возбудливо беше и на дуелот меѓу Валенсија и Фенербахче, на кој шпанскиот состав славеше со 84-78.

Валенсија одлично го отвори натпреварот и ја доби првата четвртина со 19-9, а на паузата имаше предност од 36-25. Домаќините продолжија да ја контролираат играта и во третиот период, кога разликата порасна на 60-46.

Фенербахче се врати во игра во последната четвртина и внесе неизвесност во завршницата, но Валенсија издржа под притисокот и ја сочува предноста до последниот звук на сирената.

Ти-Џеј Шортс беше меѓу главните предводници на победничкиот тим со 21 поени, еден скок и три асистенции.