Македонскиот тренер Жарко Ристоски доби признание за работата во Турција, откако специјализираниот одбојкарски медиум „Voleyturkiye1“ го избра за најдобар тренер во првото коло од најсилното турско првенство.
Ристоски, кој сезонава за првпат работи во турската одбојка, го предводи тимот на Истанбул Беледиеспор, со кој бележи солиден почеток на сезоната.
По четири одиграни кола, неговиот тим има две победи и два порази. ИББ Спор ги совлада Сунгурлу (3-1) и Султабејли (3-2), додека загуби од Истанбул Генчик (2-3) и Фенербахче (1-3). Со освоените бодови моментално се наоѓа на седмата позиција на табелата.
Македонскиот стратег и неговите избраници веќе се подготвуваат за следниот предизвик, кој ќе биде еден од најтешките досега. Во наредното коло ќе ги одмерат силите со Зират Банк, екипа која минатата сезона настапи на завршниот турнир во ЦЕВ Лигата на шампионите, а воедно е и актуелен лидер во турското првенство.
