Фудбал

Лудо германско дерби: Борусија Дортмунд извлече голем бод од Минхен (ВИДЕО)

Лудо германско дерби: Борусија Дортмунд извлече голем бод од Минхен (ВИДЕО)

Баварците двапати имаа предност, но Дортмунд се врати и со гол во 89. минута освои голем бод во Минхен. Баерн остана и без неколку фудбалери поради повреди.

Баерн Минхен и Борусија Дортмунд одиграа возбудливо дерби во осмото коло од Бундеслигата, кое заврши без победник, 2:2. Гостите од Дортмунд покажаа карактер и успеаја да се вратат од негатива, а со гол во самата завршница ги замолкнаа навивачите на „Алијанц арената“.

Пред почетокот на натпреварот, Хари Кејн ја претстави „Златната топка“ пред навивачите на Баерн, во својот прв настап по освојувањето на престижното признание.

Првото полувреме донесе голема борба, но и проблеми за домаќините. Баерн остана без Исмаел Саибари и Серж Гнабри, кои поради повреди мораа предвреме да го напуштат теренот.

Конрад Лајмер во 38. минута го отвори резултатот и му донесе предност на Баерн. Претходно, Борусија имаше постигнато гол преку Џоуб Белингам, но ВАР го поништи поради недозволена позиција и прекршок во акцијата.

На почетокот од вториот дел се случи нов драматичен момент. Баерн доби пенал во 54. минута, но Хари Кејн не успеа да го реализира, погодувајќи ја пречката.

Казната пристигна само шест минути подоцна. Серу Гираси ја искористи асистенцијата на Карни Чуквуемека и израмни на 1:1.

Сепак, Баерн повторно поведе во 66. минута. Хари Кејн одлично ја спушти топката со глава, а Дајо Упамекано од непосредна близина ја смести во мрежата за 2:1.

Кога се чинеше дека домаќините ќе стигнат до победата, Борусија зададе удар во 89. минута. Резервистот Фабио Силва се најде на вистинското место и со прецизен удар ги постави конечните 2:2.

Проблемите за Баерн не завршија ниту со ремито. Во финишот и Мајкл Олисе побара замена поради повреда, па баварскиот гигант го заврши дербито со нови грижи околу здравствената состојба на своите фудбалери.