Марк Волтер ги договорил последните детали од продажбата на славната франшиза со Џош Кушнер. За официјализација на трансакцијата е потребна уште потврда од НБА-лигата.
Лос Анџелес Лејкерси би можеле повторно да добијат нов сопственик, само една година откако Марк Волтер ја презеде контролата врз славната НБА-франшиза од семејството Бас.
Според информациите на американските медиуми, Волтер ги усогласил последните детали од продажбата со Џош Кушнер, основачот на инвестициската компанија „Thrive Capital“. Вредноста на трансакцијата е неверојатни 12,5 милијарди долари, што би претставувало една од најголемите продажби во историјата на професионалниот спорт.
Двајцата се сретнале во четвртокот во куќата на Волтер на Флорида, каде што ги финализирале преговорите. Сепак, за комплетирање на процесот остануваат потпишувањето на целосната документација и официјалното одобрување од НБА-лигата.
Волтер во октомври минатата година ги презеде Лејкерси од семејството Бас за сума од 10 милијарди долари, но сега е подготвен да ја продаде франшизата за уште поголема сума.
Во преговорите, кои траеле неколку месеци, учествувал и поранешниот директор на „Дизни“, Боб Ајгер. Според американските медиуми, Кушнер го уверил Волтер дека ги има обезбедено сите финансиски средства потребни за реализација на купувањето.
Џош Кушнер е познат американски инвеститор и основач на „Thrive Capital“, а интересно е што тој е помлад брат на Џаред Кушнер, сопругот на Иванка Трамп и поранешен близок соработник на Доналд Трамп.
Доколку трансакцијата биде официјализирана, Лејкерси за само една година ќе сменат двајца сопственици.